Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Целта на овој документ за јавни политики е да го претстави системот за финансирање на политички партии во Република Северна Македонија во периодот од 2011 до 2021 година и да даде препораки за негово подобрување. Анализата се заснова на информации кои се добиени од неколку различни извори: база на податоци достапна преку веб-платформата Отворени финансии во која се содржани исплатите на Министерството за правда кон политичките партии во рамки на конто 463170 (трансфери кон политички партии), достапно на: https://open.finance.gov.mk/mk/home; база на податоци креирана врз основа на податоци содржани во решенијата за распоредување на средствата за финансирање на политички партии донесени од Министерството за правда до кои е дојдено по пат на пристап до информации од јавен карактер; и, конечно, прашалник наменет за медиуми и граѓански организации, преку кој се осознаваат ставовите и искуствата на испитаниците во врска со системот за финансирање на политичките партии. Електронскиот прашалник го започнаа 37 испитаници, а целосно го одговорија 25 испитаници – медиуми и граѓански организации, односно 28 % од таргетираниот, пригоден примерок, во периодот од 8 до 20 октомври 2021 година.

Во продолжение се клучните наоди.

  1. Растат средствата кои се издвојуваат за партиите од државниот буџет

Според презентираните податоци, можеме да заклучиме дека значително се зголемува апсолутната сума која се предвидува да се исплати врз основа на годишно финансирање на политичките партии (најниската сума во анализираниот период која е предвидена за политичките партии е 80.000.000 денари во 2011 година, додека највисоката сума е во 2019 година, односно 304.083.000 денари). Ова зголемување во најголема мера се должи на значителното зголемување на фиксниот процент кој се одвојува од изворните приходи на буџетот (од 0,06 % се зголемува на 0,15 %), како и континуираниот пораст на буџетот (од 138.401.000.000 денари во 2011, до 203.236.000.000 денари во 2021 година). Според тоа, износот кој се исплатува по освоен мандат, го следи ова зголемување. Па така, најнискиот износ исплатен во мандат го имаме во 2011 година, односно 40.698 денари, а највисокиот во 2019 година, кога се исплатени 149.060 денари по мандат.

Сепак, реалните плаќања кои се видливи на порталот Отворени финансии преку конто 463170 се различни од решенијата на Министерството за правда затоа што освен годишното финансирање, вклучуваат исплатување врз основа на финансирање на партиски истражувачко-аналитички центри, односно не ги вклучуваат суспендираните исплати кон партиите кои не ги исполниле своите обврски во однос на известувањето. Па така, во суштина најниската сума која е исплатена на годишно ниво на основа на конто 463170 изнесува 51.675.368 денари во 2014 година, односно највисоката сума која е исплатена изнесува 315.334.064 денари во 2019 година. Вкупната сума која е исплатена во периодот од помеѓу 2011-2021 година изнесува 1.630.182.465 денари (или околу 26.507.032 евра).

  1. Сè повеќе партии се подобни да добијат пари од државниот буџет, но не и независните листи и кандидати

Во текот на годините, всушност, сѐ поголем број на партии се исплатени како дел од системот на годишно финансирање. Ако во 2011 година 47 партии биле приматели на средства врз основа на годишно финансирање, во 2021 година овој број се искачил на 58. Меѓутоа, податоците укажуваат дека, всушност, бројот на партии и коалиции кој го надминуваат прагот од 1 % на локални избори се намалува (ако во 2011 бројот на партии и коалиции е 38, во 2021 година овој број е намален на 19), додека бројот на партии и коалиции кои добиваат пратенички места е релативно константен (варира помеѓу 7 и 9 низ анализираниот период). Единствен логичен заклучок е дека се окрупнуваат коалициите на избори и преку коалициските успеси политичките партии се стекнуваат со право на државно финансирање.

Изборниот успех во голема мера влијае на финансиските средства што политичките партии ги добиваат во рамки на системот за годишно финансирање. Меѓутоа, начинот на кој е поставен системот комплетно ги исклучува независните листи и кандидати кои остваруваат изборни успеси. Ваквата поставеност на системот создава нееднакви и нефер услови за политички натпревар помеѓу политичките партии и непартиските актери. Потребно е ревидирање на подзаконските акти кои го доуредуваат системот на финансирање на политичките партии.

  1. Зголеменото државно финансирање не значи помалку пари од приватни донатори

Мерката суспензија на државното финансирање поради неисполнување на обврските за известување предвидени во ЗФПП дава релативно позитивни резултати. Во изминатите четири години, откако Министерството за правда донело решение за суспензија, во околу 38 % од ситуациите партиите постапиле по решението и ги исполниле законските обврски по што била направена исплатата.

За четирите партии со најмногу освоени пратенички места, годишно се издвојуваат дополнителни околу 320.000 евра за нивните партиски истражувачко-аналитички центри и градење на капацитетите на вработените во истите. Партии кои досега биле исплатени на оваа основа се: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците.

Според наодите, претпоставката дека со зголемување на државното финансирање, ќе се намали приватното финансирање, а со тоа и ризикот од надворешни влијанија и притисоци е неточна. Донациите во анализираниот период забележуваат значаен пад помеѓу 2015 и 2016 година (од 13.770.351 денар на 3.529.280 денари), по што во текот на наредните три години износот е стабилен на околу 6-7 милиони денари, пред речиси двојно да се зголеми во 2020 година (на 12.705.078 денари). Се забележува пад кај собраната членарина. Во анализираниот период, најмногу членарина е собрана во 2016 година (28.455.976 денари), а најмала во 2020 година (15.279.260 денари). Според податоците можеме да заклучиме дека донациите не се намалуваат, туку со зголемениот процент за државно финансирање, само значително се зголемува вкупната сума која партиите ја имаат на располагање во текот на годината, а која претставува кумулативна сума од годишното финансирање, донации и членарина.

  1. Граѓанските организации и медиумите – незадоволни од начинот на финансирање на партиите

Конечно, граѓанските организации и медиумите упатуваат значителни критики кон начинот на кој е поставен системот на финансирање на политички партии. 77 % од испитаниците сметаат дека системот е нефер и не нуди еднакви можности за политички натпревар, затоа што ги фаворизира големите и парламентарни партии, на сметка на малите и вонпарламентарни партии. Дополнително, испитаниците во значителна мера се согласни дека: медиумскиот простор во изборна кампања е нефер поделен меѓу партиите кои се натпреваруваат; законската поставеност на надзорот на политичките партии е недоволно развиена и остава простор за злоупотреби и корупција; решението што овозможува финансирање на партиските истражувачко-аналитички центри само на четирите најголеми партии e дискриминациско; процентот кој се одвојува за годишното финансирање е голем.

Оттука, потребно е да се ревидира Упатството за распределба на средствата од Буџетот на Северна Македонија за годишно финансирање на политичките партии, да се зајакне системот за следење и контрола на трошењата на финансиите на партиите од надлежните институции и да се создадат услови за еднаков политички натпревар на сите партиски и непартиски политички актери.

Документот за јавни политики е достапен на македонски јазик и на албански јазик.

 

Овој документ за јавни политики е подготвен од Фондацијата Отворено општество- Македонија (ФООМ) за Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во рамки на програмата „Унапредување на финансиската транспарентност на политичките партии во Република Северна Македонија“ со финансиска поддршка на Националниот фонд за демократија oд Соединетите Американски Држави (САД). 

За содржината е одговорен ФООМ и во никој случај не ги рефлектира позициите на Meѓународниот републикански институт (ИРИ) и на Националниот фонд за демократија.“ 

—————————————————

9 април 2022