Press "Enter" to skip to content

Од 300 луѓе кои минале на Деве Баир, само 9 Роми се однесени во групен карантин

Како се завршува во групен карантин, а како во домашна изолација, како изгледа процедурата во која се утврдува кој ќе оди во касарна, а кој дома. Ова се дел од прашањата кои ИРЛ ги упати до институциите,  а за кои веќе три дена чека одговор откако на 17 март од најавените 200 граѓани кои се враќаат од странство, од граничниот премин Деве Баир само 9 музичари – Роми  беа однесени во групен карантин.

На 17 и 18 март преку овој граничен премин влегле повеќе од 300 државјани. Македонската информативна агенција (МИА), повикувајќи се на официјални информации од Полициска станица за гранична проверка и граничен надзор Регионален центар Исток, вчера објави дека на 17 и 18 март вкупно 300 државјани влегле во државата на граничниот премин Деве Баир. Сите тие потпишале изјави за самоизолација и биле пуштени дома, ниту едно друго лице не било сместено во групниот карантин.

По јавните поплаки на социјалните мрежи за условите во касарната Пепелиште каде што првично беа сместени единствените десет државјани во групен карантин, тие сега се во Демир Капија во групен карантин. Нивното прашање е едно: Зошто само ние?

Во Министерството за здравство прашавме кој одлучува кој граѓанин ќе биде во самоизолација дома, а кој во групен карантин. Од таму добивме одговор кој ви го пренесуваме во целост.

„На патниците што пристигнуваат прво им се врши епидемиолошка проверка со прашалник и во зависност од нивната здравствена состојба и проценката на епидемиолозите се упатуваат во домашна изолација, каде на редовна основа епидемиолози од ЦЈЗ им ја следат состојбата на овие лица, а во зависност од здравствената состојба дел од нив ќе бидат ставени во карантин, односно во објекти за групна изолација“.

Од овој одговор ние не успеавме да сфатиме, зошто од 300 лица, во групен карантин се ставени само овие десет лица, па затоа испративме дополнителни прашања во кои побаравме да ни објаснат каква треба да е клиничката слика на граѓаните за тие да бидат ставени во групна изолација. Дали таму одат, млади или стари лица, болни или здрави? Ниту на ова прашање не добивме конкретен одговор. Од министерството ни кажаа дека „проценката за ставање на граѓаните во 14 дневен карантин, без разлика дали во група или самостојно дава епидемиологот според протоколите на утврдување“.

Самка Ибраимовски: Експериментите секогаш се прават врз Ромите

Истото прашање го поставивме и на прес-конференцијата на министерот за здравство, Венко Филипче, заедно со одговорите кои претходно ги добивме од министерството за здравство. Очекувавме дека барем тој ќе ни одговори по кои критериуми овие лица се единствените во групен карантин. Филипче едноставно рече „ова се еден дел од луѓето кои што биле најавени дека ќе пристигнат на Деве Баир. Будно се следи приливот на граница. Таму се за да имаме подобар увид. Сега сите тие се тестираат и доколку резултатите се негативни, тие ќе бидат пуштени во домашна самоизолација“.

Премиреот Оливер Спасовски во емисијата Топ тема на Телма вчеравечер рече дека Пепелиште не е случај ниту некаква афера, туку сугерираше дека тоа се критики на луѓе кои бараат внимание со своите приказни.

„Јас разбирам дека критики ќе има и тоа од оние луѓе кои сега предлагаат мерки и тие мерки се прифатени.  Веднаш тие кои што први не поддржале веднаш потоа не критикуваат“, рече тој.

Пратеникот од Партија за еманципација на Ромите, Самка Ибраимовски го поставирлил истото прашање како ИРЛ. Зошто само Роми се во карантинг и како се завршува во групен карантин. Во разговор со ИРЛ, Ибраимовки рече дека нему повеќе министри го уверувале дека тука нема случај, а тоа е така затоа што овие девет Роми дошле со минибус, односно свој превоз, а другите не оделе во групен карантин затоа што пристигале со организиран превоз. Од министерството за здравство во нивниот кус одговор, пак, рекоа дека тоа се одлучувало според здравствената состојба, но одбија да одговорат каква треба да е здравствената состојба за некој да оди во групен карантин.

„Секогаш експертименти се прават врз Ромите. Би требало сите да се во карантин. Ако гледаме поинаку можеби е подобро да останат, и онака се тука. И тие самите се разумни и не прават проблем. Сите во владата ми рекоа дека тоа е така затоа што тие дошле со свое комбе, а другите со авиони и автобуси. Тоа е срамно, но ете колку да најдат изговор. Ама тоа е. Ги сместивме сега тука, добри се, ок е се друго, но, ете зашто само тие. Еве денеска ќе ги видиме“, вели Самка Ибраимовски за ИРЛ.

Новинарот на телевизија 24 Владимир Тевчев, во разговор за ИРЛ рече дека ноќта кога пристигнале музичарите, додека го чекал конвојот, видел дека многу луѓе преминувале граница пеш, а се симнувале од комбиња. Други минувале граница со автомобил или комбе, но со писмени изјави биле пуштани дома. Единствените кои конвојот ги однесе во касарната во Пепелиште се деветте Роми музичари. Откако се пожалија на лошите хигиенски услови, беа преместени во Заводот за рехабилитација во Демир Капија.

Поврзани стории

Како медиумите и институциите потфрлија во случајот Пепелиште: Групен карантин за само десет Роми

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »