Пандемијата и економските новинари: Со што сè се соочуваат во обид да дојдат до точни информации?

Се чита за 7 мин.

mscover

Недоволна транспарентност, избегнување конкретни одговори на прашања, некоординација меѓу институциите, бавни ПР-служби. Тоа се главните проблеми со кои економските новинари се соочуваат во вонредните услови за работа предизвикани од пандемијата на коронавирусот. Освен приспособувањето кон новите начини на работа, новинарите најчесто наидуваат на ѕид од страна на институциите, кои или ги немаат точните одговори, или поважен им е ПР-от. Сепак, велат дека со текот на времето ПР-службата на владата го подобруваше начинот на одржување на прес-конференциите и со тоа се овозможи новинарите конечно да може да ги постават сите прашања до министрите.

Aleksandra Filipovska 2 1Токму таа недоволна транспарентност доведе и до непријатен инцидент, кога новинарка се обиде да добие конкретен одговор од надлежните министри за тоа кому му следува државна помош и на кој начин ќе се спроведат третиот сет мерки за справување со економските последици предизвикани од здравствената криза.

Александра Филиповска, новинарка од ТВ Телма, која веќе 20 години работи на теми од економијата и финансиите, вели дека институциите мора да сфатат оти точна и прецизна информација, дури и лоша, сепак е подобра опција од затскривање или презентација на неточна информација.

Aleksandra Filipovska 1„Тие држеа прес-конференција на која ги немаа потребните одговори за граѓаните околу третиот пакет економски мерки и згора на тоа се обидоа да ги набедат новинарите дека не знаат што прашуваат. И нормално, како новинар со речиси 20 годишно искуство, се обидов да им објаснам дека новинарите се сервис на граѓаните, а не партиски гласила на која било партија односно не сме нивна ПР-служба, која треба да ја пренесува секоја нивна прес-конференција каде не понудиле ниту една информација за граѓаните, туку просто имале желба само да се сликаат,“ вели Филиповска.

Но, таа не е единствената која со соочила со проблем во обид да дојде до точна и брза информација. И не се само телевизиските новинари засегнати со вакви проблеми. Нина Нинеска од порталот „Фактор“ вели дека комуникацијата со институциите одела тешко, но и не ги доставувале одговорите на време.

Nina Nineska„Правев тема за платите на јавната администрација. Прво му се јавив на ресорниот министер за тој изворно да ми го даде одговорот, но тој не ми се јави телефонски, туку со порака ми советуваше да ѝ се обратам на неговата портпаролка. Јас разговарав со неа и ѝ кажав кои прашања ќе ги испратам. Брзо ѝ испратив околу 6 до 7 прашања. Па дури после неколку часа добив единствено одговор на кои прашања не можело да одговори нивното, туку други министерства и ми беше посочено кои. Се јавив кај портпаролката и ја замолив барем да ги одговорат оние прашања кои се во доменот на нивната надлежност. Таа ми вети дека ќе го сторат тоа, но јас до ден денешен не ги добив одговорите. Откако после неколку дена изреагирав кај министерот, тој застана во негова и во одбрана на портпаролката, и воопшто не се потрудија ниту да ми одговорат, ниту да се извинат за моето непријатно искуство,“ раскажува Нинеска.

Од друга страна, новинарите се согласни дека напредна организацијата на владините прес-конференции. На почетокот од вонредната состојба правилото беше медиумите писмено да испратат прашања преку електронска пошта најдоцна половина час пред почетокот на прес-конференциите. Тоа резултираше со незадоволство од страна на новинарите, бидејќи немаа можност да постават прашање откако ќе чујат што надлежните имале да кажат на самиот настан, не можеа ниту да постават потпрашање доколку е нејасен, непрецизен или несоодветен одговорот што го добиле. Па дури се случуваше и воопшто да не се постават некои прашања со образложение дека не пристигнале навреме, иако новинарите велат дека тоа е смешно бидејќи едноставно имаат доказ за спротивното, испратен и-мејл со конкретни време и датум.

Katerina KapkoskaСекако дека новинарите не генерализираат во врска со транспарентноста на институциите. Дел од нив се секогаш отворени и достапни, одговараат во најкус можен рок со точни и прецизни информации. Меѓу таквите позитивни примери новинарите ја издвоија Народната банка.

Катерина Капкоска од ТВ Канал 5 се сложува дека кога почнаа да се одржуваат прес-конференции на невообичаен начин и во изменети услови, често се случуваше новинарите да не го добијат потребниот одговор. Но, како одминуваше времето и како беа сè погласни реакциите од новинарите, така и организацијата на настаните се подобруваше.

„Вонредната состојба не влијаеше многу врз начинот на комуникација со институциите и транспарентноста од нивна страна. Без разлика на состојбата, некои институции се секогаш достапни за брз одговор и добивање на потребна информација, додека други, се тешко достижни,“ вели Капкоска.

Игор Петровски од „Капитал“, пак, истакна дека не може да се пожали за навременоста и квалитетот на одговорите што ги добивал, но вели дека секогаш може подобро. Според него, најголемите проблеми во добивањето на информации постоеле и пред пандемијата.

Igor Petrovski„Не само за време на вонреднава состојба, туку генерално, се соочуваме со недостиг на квалитетни бази на податоци за голем број економски и бизнис категории, нередовно или бавно ажурирање на статистики, односно прилично касно објавување на извештаи за одредени категории, ако споредиме со земји во регионот и пошироко. Не знам дали тоа се должи на ограничениот капацитет на институциите или реална неможност побрзо да се подготвуваат одредени статистички извештаи и сл., но факт е дека има доста простор за подобрување на состојбата во тој домен,“ вели Петровски.

И тој застана во одбрана на колешката Филиповска. Тука мора да се напомене дека кога се случи инцидентот голем број колеги застанаа зад неа преку социјалните мрежи, што пак, резултираше со извинување од страна на министрите.

„Не можам, а да не го спомнам и киксот на министрите за финансии и економија на неодамнешниот прес, каде што нервозно и прилично дрско одговорија на упорното инсистирање на новинарите (што е нивна работа) да добијат подетални информации во врска со користењето на некои од мерките за помош. Потребен е тренинг кај поедини функционери за комуницирање со јавноста, што особено се покажува во време на ваква криза,“ вели Петровски, уредник во „Капитал“.

Некоординираноста на институциите доведува и до различни и конфузни информации со кои располагаат новинарите. Андреа Чобанова од ТВ Алсат-М вели дека надлежните брзаат со претставување на економските мерки, но доцнат уредбите со законска сила, поради што во јавноста не се пласираат целосни и навремени информации.

Andrea Chobanova„Мерките беа донесени, меѓутоа еве, за последниот сет уште се чекаат уредбите со задоцнување. Претходните сетови и уредби беа еднаш донесени, па менувани и тоа некако нè донесе во една конфузија каде што требаше да им се објасни на граѓаните што да очекуваат, како тие мерки ќе им помогнат ним, но и на компаниите, а од друга страна ние немавме точно одговорени прашања. Сметам дека институциите во овој дел малку потфрлија во меѓусебната комуникација, односно не се координираа меѓу себе,“ објаснува Чобанова.

Иако секторите за односи со јавност во институциите се обидуваат што е можно подобро да ги менаџираат обврските кон новинарите, се чини дека тоа секаде не оди доволно бргу, а често одговорите се дозирани или не се конкретни.

„Во однос на добивањето податоци и информации, тука не можам да кажам дека не ги добивавме,  ги добивавме но, со задоцнување. И после долго чекање често добиваме нецелосни податоци, односно општи информации. На пример, една од моите дилеми е сè уште каде и за што ги потрошивме сите пари што ги земавме, со кои што располагаме? Нешто што навистина граѓаните заслужуваат да го добијат како одговор, а сè уште го немаме во детали, е каде отишол секој денар или евро, како сакате. Треба точно да знаеме за што и колку пари се потрошени,“ смета Чобанова.

Со овие проблеми не се соочуваат само економските новинари. Даниел Василев од ТВ Сител вели дека половични одговори се добиваат генерално во сите сектори.

Daniel Vasilev 1„Морам да кажам дека јас генерално немам сектор, па следам сè. Но, тоа што го забележав е дека без разлика со кое министерство и да разговарате, одговорот кој ќе го добиете или не соодветствува со прашањето, или тој е општ и несуштински. Често се случува да мора самите да ги толкуваме одговорите на министрите или на претставниците на институциите. А, знаете, најлошо нешто што може да го направите е да дозволите новинарите сами да ги толкуваат работите. Некоординираноста меѓу институциите доведува до збунетост на јавноста. Конкретен пример, околу протоколот за работа на угостителските објекти, најпрво во јавноста се пласираа едни информации, за потоа да излезе сосема различен протокол. Друга работа, министерот за економија и директорот на Пазарниот инспекторат два дена не можат да се договорат кој има право да ги легитимира гостите во кафеаните. Тоа нè збунува нас, а со тоа и јавноста,“ објаснува Василев.

Вонредната состојба наметна и поинаков начин на функционирање, односно работа од дома секаде каде е можно. А, рестрикциите значеа и скратено работно време во некои институции. Новинарите раскажуваат дека имале потешкотии изминатиов период да стапат во контакт со некои институции, особено дел од јавните претпријатија и државни агенции, каде работниот ден траеше покусо. Па, некогаш се случувало да ги добијат очекуваните одговори дури откако атрактивноста на темата ќе одмине.

И Тања Попова од ТВ Алфа го дели мислењето со поголемиот дел новинари дека голем број прес-конференции од областа на економијата наликуваа на ПР настани.

Tanja Popova„Мислам дека надлежните се трудеа прес-конференциите да ги направат како ПР настани и на некој начин да се пофалат само со позитивните аспекти на одредени теми, за одредени проблеми кои што требаше да ги решат и слично. Меѓутоа, од друга страна, пак, работа на новинарите е да не дозволат ваквите настани да се претворат во класичен ПР, туку да може да го извлечат максимумот и деталите од секоја возможна тема. Но, тоа не секогаш беше успешно,“ вели Попова.

За новинарите е несфатливо и зошто вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, не беше присутна во јавноста речиси два месеци, токму во периодот што би можеле да го окарактеризираме како еден од најчувствителните за македонската економија во последните десетина години.

Но, во клучни моменти на прес-конференции недостигаа и други ресорни министри.

„Голем дел од новинарите, меѓу кои спаѓам и јас, не сме задоволни од тоа зошто одредени министри во Владата не се соочуваат со критичката јавност токму тогаш кога треба да се одговори на најважните прашања. Сè уште се свежи ситуациите, негативниот одраз во јавноста кога, да речеме, Владата донесе одлука за зголемување на акцизата и наместо да се појави министерката за финансии, со образложение на прес-конференција излезе портпаролот на Владата, кој многу ретко самиот држи прес-конференции, што за нас беше чудно, затоа што едноставно не успеавме да добиеме одговори за одредени детали поврзани со таквата одлука. Затоа крајно негативно го сфативме односот на министерката за финансии и надлежните во Владата, кои што едноставно сакаа да ги избегнат негативните поени во овој случај,“ вели Попова.

Здравствената криза во последниве три месеци предизвика и сериозни последици, како врз светската, така и врз македонската економија. Но, задачата на новинарите е да бараат недоследности на секое поле, со цел да се придвижиме кон подобро. Извршувањето на таа нивна задача е особено сензибилно кога станува збор за парични текови и економски политики. Токму затоа новинарите без престан се борат за што поголема транспарентност од страна на институциите.

 

Автор: Мирјана Јовеска, новинарка во ТВ Сител

 

.................

Оваа содржина е подготвена во рамки на иницијативата „Новинарството не е во карантин“.