Лажните вести не смеат да станат „нова нормалност“

Се чита за 2 мин.

„Најважно е здравјето на граѓаните” и „не смее ништо да се прави на штета на здравјето на граѓаните” се веројатно најслушаните реченици во препукувањата на политичката сцена во изминатите над два месеца, додека живееме со Ковид-19. 

Откако беа одложени предвремените парламентарни избори започна интензивна изборна кампања небаре изборите ќе се одржат утре, иако и до ден денес не се знае датумот. И во центарот на кампањата се најде „здравјето”, „неспособноста” на едните да го зачуваат, тврдењата на другите дека токму тие знаат како да се справат со злото, обвинувањата дека во земјата се случува хаос… и сето тоа надополнето со дезинформации, лажни вести, спинови. 

Во изборна кампања, која официјално и не е почната, не се недозволени ветувања или политички оценки за противникот, но сериозна опасност е говорот кој може да предизвика паника и ширење дезинформации кога станува збор, како во актуелниот случај, со јавното здравје. 

Но, тоа не е доволно, па се јавија и граѓаните кои никому не му веруваат бидејќи, како што многумина велат, „сите лажат, и медиуми и политичари”. А од друга страна, истите тие граѓани подлегнуваат на сè и сешто, па станаа „експерти” за лечење од коронавирусот. На социјалните мрежи, па и во некои медиуми експресно се раширија рецептите: Лукот го уништува коронавирусот; Алкохолот го убива коронавирусот; Пиење вода на секои 15 минути ќе го уништи вирусот, а задржување на здивот помага во самодијагностицирање. Се појавија и фотографии снимени во друга држава, а пласирани како да се од Македонија. Па така, лицето кое дезинфицира градски автобус во присуство на патници се покажа дека е во Полска, а не во автобус на ЈСП, а чичкото кој со торба продава заштитни маски (напишана е дури и цената на маските и колку маски има во торбата) во автобус всушност бил во Романија, а не во Скопје.

На ваквите безбројни примери им се додаваат и лажните вести со информации дека дошло време за нови сојузи и геополитички прегрупирања, па заклучокот е дека „коронавирусот е масло на Западот кој прави експерименти со народот” како што стоеше под една фотографија на неупотребена епрувета со натпис „Протокол за истребување со Ковид-19“, дестинација Италија со потпис американски воени сили, наводно пронајдена во Кочани. Или дека вирусот е излезен од лабораторија и сега како биолошко оружје го убива светот. 

И сето ова повторно во „име на здравјето на граѓаните”.

Која е целта?

Социологот Илија Ацески смета дека од содржината на веста веќе се знае и кон кого е упатена и која ѝ е целта.

Веста е насочена кон оној другиот, противникот, особено во партиските пресметки. Проблемот е што наседнуваме на таквите вести и штетата е направена. Дури и кога ќе се демантира, не верувам дека половината од оние што ја прочитале веста ќе го прочитаат демантот. Останува впечатокот од веста и тука е веќе психолошкиот момент - јас не сакам да верувам во демантот, она што е кажано прво е посилно и никој не може да ме убеди дека таа информација е лажна”, објаснува професорот Ацески.

Според него, во партиските пресметки има одреден процент луѓе кои дури се заслепени од лажните вести, па влегуваат во наредна фаза, надградување на веста и нејзино ставање на повисоко ниво. 

Се поставува прашањето колку медиумите подлегнуваат на лажните вести, а одговорот е едноставен-многу. Некои од политички причини, некои за профит, други за да бидат атрактивни. Дел од нив, за остварување на целта и воопшто не се воздржуваат од објавување на таквите вести, други, пак, само се „налепуваат” без никаква проверка. И штетата е веќе нанесена. 

Одбраната е во создавањето повисока свест и кај медиумите и кај граѓаните. 

И додека се трудиме да ја подигнеме свеста за лажните вести поврзани со коронавирусот и јавното здравје, истите тие вести на големо се насочени кон изборите, создавајќи невидена конфузија. Повеќе од сигурно е дека ќе се злоупотребуваат во кампања и дека ќе имаат големо влијание. 

Слободните и фер избори се основа на демократијата, а не некој обичен ритуал, но се очекува битка која веројатно нема да има никаква врска со избори во смисла на квалитетот на кандидатот или програмата. Од она како се води досега, уште не почната официјално, повеќе од сигурно е дека ќе биде валкана, кампања на лажни вести во која нема да се бираат средства. Задачата на медиумите е да спречат лажните вести во еден момент да не почнат да изгледаат нормално и да не се претворат во „нова нормалност”. 

Автор: Жана П. Божиновска, новинарка во МКД.мк

 

.................

Оваа содржина е подготвена во рамки на иницијативата „Новинарството не е во карантин“.