Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Акцијата „Држете растојание” која осамна на плоштадот во Скопје има за цел на директен и визуелно експлицитен начин да ги потсети граѓаните да држат растојание, да избегнуваат гужви, да го намалат ракувањето, да ги минимизираат своите контакти и на тој начин да се заштитат себеси и другите од вирусот COVID-19. Воедно, акцијата ги потсетува граѓаните да ги почитуваат препораките и да се придржуваат до упатствата кои ги издаваат надлежните.

Во ситуација која се наоѓаме, превенцијата е препознаена како најважна и затоа уметниците вклучени во акцијата преку јазикот на уметноста се обидоа да ги комуницираат пораките за превенција од ширење на опасниот вирус. Како уметници и активисти тие не можат да останат неми во вакви ситуации и сметаат дека во овие тешки денови секој треба да придонесе и да влијае за да ги информира граѓаните за мерките за самозаштита кои треба да се преземаат.  Уметниците и активистите преку она што знаат да го прават најдобро, преку своите дела, можат на интересен и несекојдневен начин да го подигнат нивото на свесност за оваа особено важна тема.

„Држете растојание” е акција која е посветена и ќе биде подарена на медицинските лица и здравствените работници кои деноноќно се борат да го зачуваат јавното здравје. Со оваа акција, уметниците изразија огромна благодарност за нивната посветена работа.

Она што е особено интересно за оваа акција е дека согласно препораките на Министерството за здравство, при изработката на делото не постоел никаков директен контакт помеѓу членовите на групата. Акцијата е сработена во фази и секвенцијално. Секој од уметниците дал свој придонес во различна фаза со цел да се избегне директен контакт, но и за да се докаже дека иако е тешко, не е невозможно работите да се завршат и на овој начин.

Акцијата „Држете растојание” е финансиски поддржана од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

#БидиОдговорен #ЗаштитиСе #ДржиРастојание

—————————————————

16 март 2020