април 17, 2020

Месечен извештај за човековите права во Република Северна Македонија март 2020

СОДРЖИНА

ПОЛИТИЧКО-ОПШТЕСТВЕН КОНТЕКСТ

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

  • Работниците за време на вонредната состојба истовремено се борат и против корона-вирусот и за својата егзистенција

ДИСКРИМИНАЦИЈА

  • Сексуалното вознемирување на работничките е честа пракса на работодавачите
  • Дискриминацијата на бремените работнички останува системски проблем во Северна Македонија

РОДОВА ЕДНАКВОСТ

  • Осмомартовски марш „Ти не си виновна!“

СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

  • Сторителот хоспитализиран, жртвата вратена во својот дом
  • Семејно насилство во услови на домашна изолација

ЗАТВОРЕНИ ИНСТИТУЦИИ

  • Насоките на СЗО за заштита од пандемија мора да бидат испочитувани и целосно имплементирани во сите затворени институции
  • Препораки до надлежните институции за заштита на лицата лишени од слобода во услови на пандемија на корона-вирусот

ПРАВОСУДСТВО

  • Усвоена уредба за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба

ГОВОР НА ОМРАЗА

  • Говор на омраза за време на пандемија

 

ПОЛИТИЧКО-ОПШТЕСТВЕН КОНТЕКСТ

Во контекст на глобалното ширење на корона-вирусот и со цел успешно справување со ширењето на заразата, Претседателот на Република Северна Македонија на 18 март 2020 година прогласи вонредна состојба во државата. Според Претседателот, одлуката се должи на „за заштита и справување со последиците од ширењето на вирусот КОВИД19. Вонредната состојба ќе трае 30 дена и оној момент кога Собранието ќе биде во можност да се состане ќе му биде поднесена на потврдување. Пред истекот на овие 30 денови очекувам Владата да ми поднесе детален извештај за ефектите од дотогаш преземените мерки и образложен предлог за потребата од евентуално продолжување на вонредната состојба за дополнителни 30 денови.“

На 25 март 2020 година, Советот на Европската Унија врз основа на препораките на Европската комисија, безусловно донесе политичка одлука за отпочнување преговори за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија. Истовремено, Европската комисија се задолжи во најкраток можен временски период да ја подготви преговарачката рамка согласно со новата методологија за преговори. Со тоа уште еднаш се потврди важноста на Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права како клучен основ во напредокот на преговорите, како и неговото влијание врз севкупниот процес на пристапување. Оттаму, мониторингот на граѓанските организации на напредокот во Поглавјето 23 е од суштинско значење. Имајќи го превид горенаведеното и следејќи го развојот на настаните, Хелсиншкиот комитет упати апел за почитување на човековите права преку навремено и транспарентно информирање на јавноста со точни информации со цел зголемен јавен надзор врз извршните власти за време на вонредната состојба. Пораката на Комитетот е дека „државата не смее произволно да го спречува уживањето на човековите права или, пак, произволно да ги ограничува човековите слободи, за чие обезбедување и заштита е одговорна. Мерките треба да бидат преземени строго во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата. Согласно на домашните и на меѓународните стандарди, ограничувањето на правата и слободите во никој случај не смее да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба“.

Фокусот на овој месечен извештај е влијанието на мерките на Владата на Република Северна Македонија и вонредната состојба врз ситуацијата со човековите права. Согласно со утврдениот тренд, вниманието треба да се насочи кон справување со социоекономската криза како резултат на пандемијата ‒ особено заштитата на работничките права и активните мерки за превенирање и санкционирање на семејното насилство. Исто така, Комитетот упатува апел до надлежните институции, особено до Министерството за внатрешни работи, за проактивен пристап со алармантното зголемување на говорот на омраза на социјалните медиуми.

 

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

Работниците за време на вонредната состојба истовремено се борат и против корона-вирусот и за својата егзистенција

Во март, Хелсиншкиот комитет за човекови права забележа 65 пријави за прекршувања на работничките права, кои опфатија приближно 1583 работници. Од овие, дури 60 пријави кои се однесуваат на 1554 работници, беа регистрирани веднаш по воведувањето на првата мерка на Владата на Република Северна Македонија за заштита и превенција од корона-вирусот, на 10 март.[1]

На 10 март, Владата донесе мерка со која го прекина воспитно-образовниот процес и наставата во сите детски градинки и основни училишта. Истовремено, Владата одлучи дека за спроведување на оваа мерка, еден од родителите чии деца до десетгодишна возраст посетуваат настава во градинка или во основно училиште, ќе биде ослободен од обврската да ги извршува работните задачи. Веднаш потоа беа утврдени и категориите на лица кои треба да бидат ослободени од работа и работни активности, поради одредени здравствени состојби. На 14 март, Владата им препорача на сите работодавачи во државата, во зависност од типот на работата и можностите, да ја организираат работата и начинот на работата на вработените лица преку институтот „работа од дома“. На 18 март 2020 година, Република Северна Македонија прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава.

Владата воведе економски мерки за справување со последиците од корона-вирусот, кои предвидуваа директна финансиска поддршка на ликвидноста кај микро, мали и средни компании од страна на Развојната банка на Северна Македонија.[2] Уште една мерка беше донесена, а се однесуваше на поддршка за компаниите во делот на исплатата на плати со субвенционирање на придонеси за вработените во погодените компании.[3]

Паралелно со зголемувањето на бројот на регистрирани случаи со корона-вирус, растеа прекршувањата на работничките права. Веднаш по воведувањето на првата мерка од страна на Владата, Хелсиншкиот комитет ги регистрираше првите нерегуларности пријавени од повеќе работници.

Злоупотребувајќи ја вонредната состојба, работодавачите почнаа да им ги откажуваат договорите за вработување на цели групи работници, а онаму каде што можеа, влијаеа врз нив за спогодбено престанување на работниот однос.

На дел од работниците, значително им беше намалена платата. Агенцијата за вработување во Охрид добила пријави за одјавувања на околу 3000 вработени во текстилните фабрики, фабриките за производство на обувки, хотелите и рестораните.

Дел од работодавачите прибегнаа кон откажување на договорите за вработување од деловни причини. Така, на пример, Друштвото за продукција и постпродукција на видео и филмски материјали ФХЗХ ДОО Скопје извести 20 работници дека ќе им бидат откажани договорите за вработување од деловни причини и дека во целост ќе укине една организациона единица.

Работодавачот ги известил работниците дека: „…Спроведените анализи и сите индикатори не укажуваат на можност за значителна промена на овој тренд во текот на оваа и на годините кои следуваат. Имајќи предвид дека поради светската пандемија со вирусот Covid-19 и работата на најголемите холивудски студија е запрена на неопределено време, овие тешкотии на Друштвото се дополнително нагласени. Со вака намалениот обем на активности од овој вид, постоењето на овој оддел во рамките на целокупната организациона поставеност на Друштвото е неодржливо и влијае на целокупната рационалност, економичност и ефикасност на работењето.“

Некоректниот однос на работодавачите кон своите вработени во овој кризен период беше уште еднаш потврден од Друштвото за трговија и услуги КАСТ ИНВЕСТ ДОО Скопје. Таму, работодавачот усно им ги откажал договорите за вработување од деловни причини на 120 вработени, кои биле известени дека ќе се отвори стечајна постапка за Друштвото. Отказното решение не содржело никакво образложение за деловните причини поради кои им биле откажани договорите. Работодавачот, спротивно на Законот за работните односи,[4] не започнал постапка на консултации со претставниците на работниците, најмалку еден месец пред почетокот на колективното отпуштање, ниту пак ги обезбедил работниците со сите релевантни информации заради постигнување договор.[5] Работодавачот не доставил ниту известување до службата надлежна за посредување при вработување во врска со планираните колективни отпуштања и за консултациите со претставниците на работниците.[6] Следствено, работниците не биле запознаени со начинот на спроведување и текот на постапката за откажување на нивните договори за вработување од деловни причини, па оттаму и не можеле соодветно да ги заштитат своите работнички права и правни интереси. Дополнително, работодавачот не го навел ни минималниот отказен рок кој важи во случај на колективни отпуштања.[7] Дел од работниците воошто не добиле отказно решение на коешто би можеле да вложат приговор.

Бројката од 4566 работници не соодветствува ни приближно на реалната бројка на работници засегнати од злоупотребувањето на вонредната состојба, од страна на работодавачите.

Според податоците регистрирани од Хелсиншкиот комитет и оние објавени од медиумите, а во врска со одјавувањата во Агенцијата за вработување во Охрид, најпогодена е текстилната индустрија, каде што се засегнати најмалку 4128 работници. Со оглед на тоа што жените работнички се најзастапени во текстилната индустрија, овој проблем неизбежно добива и родова димензија.

Закулучок: Вонредната состојба за некои работодавачи претставува изговор за да ги кршат работничките права. Во овие исклучително непредвидливи и тешки времиња, останувањето без плата за најголем дел од работниците значи ризик за нивната егзистенција.

Препорака: Поради ова, Хелсиншкиот комитет за човекови права апелира на неопходноста за мораториум на сите откажувања на договорите за вработување од страна на работодавачите (деловни причини) и на сите намалувања на платите во периодот додека трае вонредната состојба. Дополнително, од исклучителна важност е, во овој момент, Државниот инспекторат за труд да ја одигра својата значајна улога како примарен столб за заштита на работничките права. Секаде каде што Инспекторатот ќе утврди повреда на работничките права, должен е да ги повика на одговорност работодавачите кои не ги почитуваат или ги прекршуваат препораките на Владата.

 

ДИСКРИМИНАЦИЈА

Сексуалното вознемирување на работничките е честа пракса на работодавачите

Жените работнички неретко се соочуваат со полова и родова дискриминација како на работното место така и при вработувањето. При вработувањето на жените често им се поставуваат прашања дали се мажени, дали имаат деца, дали планираат да формираат семејство, а тие се соочуваат и со несоодветни прашања и коментари кои не се поврзани со нивното работно искуство и образование. Огласите за работа иако е потребно да бидат родово неутрални, често се огласуваат за работни места за кои конкретно се бараат мажи или жени.

Во март, во Хелсиншкиот комитет беше пријавен случај на сексуално вознемирување по аплицирање на  оглас за вработување на деловна секретарка на генерален директор во приватна фирма. На огласот се пријавиле две кандидатки кои ја испратиле потребната документација. Откако тие аплицирале на огласот, веднаш добиле повратен одговор од лицето кое се претставило како управител на фирмата. Коресподенцијата помеѓу кандидатките и управителот на фирмата се одвивала засебно, по пат на електронска пошта. Управителот на кандидатките најпрво им понудил да закажат термин за интервју, потоа им ги објаснил работните обврски, за на крај и на двете да им потврди дека се вработени. Тој на кандидатките освен што им потврдил дека се вработени, им понудил и повисока плата од онаа која била предвидена со огласот, а изречно им навел и дека работните задачи ќе ги извршуваат во неговата канцеларија.

На крајот од комуникацијата, како што навел, за да може да ги процени нивните квалитети, побарал од кандидатките на закажаните интервјуа да ги покажат своите организациски способности, но и орални вештини. Од кажувањата на двете странки, под „орални вештини“ управителот на фирмата не подразбирал работни вештини, туку истото го кажал во сексуална конотација, што било вознемирувачки за двете странки.

Случајот беше пријавен во Хелсиншкиот комитет за човекови права од страна на двете кандидатки, а за истиот е иницирана постапка пред Државниот инспекторат за труд.

Сексуално вознемирување значи секое вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер што претставува повреда на личното достоинство, особено кога предизвикува заплашување, одбивност, деградирање, понижување или навредливо однесување.[8] Ваквиот вид вознемирување кое неретко им се случува на жените на работните места или пак при вработувањето, претставува родово базирано насилство кое е сериозна повреда на фундаменталните човекови слободи и права, на дигнитетот на личноста и претставува дискриминација на жената само поради фактот дека е жена.

Во Северна Македонија, значително повеќе жени (68 %) се соочиле со дискриминација при вработување, за разлика од мажите (58 %). Од жртвите на сексуално вознемирување на работното место, 45 % не го споделиле или пријавиле искуството; 29 % кажале на пријател/ка или познаник/ка; а 20 % го споделиле искуството со член на семејството. Помал процент го пријавиле искуството на поформална инстанција, односно 10 % ги информирале претпоставените, 4 % го пријавиле кај официјалниот механизам на работното место и 1 % пријавиле во полиција.[9]

 Заклучок: Ваквиот случај ја отсликува состојбата со жените на пазарот на трудот во Република Северна Македонија која останува на ниско ниво. Како една од причините за тоа се нееднаквите улоги на мажите и жените во општеството, а еден пример за тоа е третирањето на жените како сексуални објекти од страна на мажите работодавачи, кои на тој начин ги држат жените под контрола со употреба на закани и насилство и успеваат да го контролираат и нивниот економски статус.

Препорака: Хелсиншкиот комитет за човекови права го повикува Државниот инспекторат за труд навремено и целосно да го истражи пријавениот случај и сериозно и ефикасно да постапува по пријавените случаи на сексуално вознемирување на работно место. Апелираме до сите кои сметаат дека се жртви на сексуално вознемирување на работно место, вознемирување и дискриминација на работно место, истото да го пријават во Хелсиншкиот комитет за човекови права.

 

Дискриминацијата на бремените работнички останува системски проблем во Северна Македонија

Хелсиншкиот комитет во март регистрираше 2 нови случаи на дискриминација на бремени работнички врз основа на пол, род и личен статус во работни односи. Во еден од регистрираните случаи на бремената работничка не ѝ бил продолжен договорот за вработување на определено време, а за нејзината позиција бил отворен нов оглас во кој се барале работници/работнички со исти квалификации како нејзините. Во другиот случај на бремена работничка незаконски ѝ бил прекинат работниот однос, веднаш по известувањето на работодавачот дека е бремена.

Заклучок: Ваквиот повеќегодишен тренд на системска дискриминација на бремените работнички врз основа на пол, род и личен статус продолжува и во 2020 година. Ваквите случаи покажуваат апсолутна нефункционалност на заштитните механизми од дискриминација и повреда на работничките права.

 Препорака: Апелираме за поголема проактивност и поефикасно постапување на Државниот инспекторат за труд во ваквите случаи. Оваа негативна пракса уште повеќе говори за итната потреба од измена и дополнување на Законот за работни односи во насока на хармонизација на домашното трудово законодавство со европското трудово законодавство и меѓународните договори. Транспонираноста на директивите на Европската Унија и конвенциите на Меѓународната организација во Законот за работни односи ќе овозможат подобра заштита на работничките права на бремените работнички.

 

РОДОВА ЕДНАКВОСТ

Осмомартовски марш „Ти не си виновна!“

На меѓународниот ден на жената 8 Март, по четврти пат во Скопје се одржа Маршот за женски права, во организација на Платформата за родова еднаквост, во којашто членува и Хелсиншкиот комитет за човекови права. Имајќи предвид дека маршот секоја година се фокусира на одредена тема која во текот на изминатата година била актуализирана во полето на родовата еднаквост, овогодишниот марш се одржа под паролата „Ти не си виновна!“. Паролата беше инспирирана од загрижувачкиот степен на двојна виктимизација со која се соочуваат жртвите на родово базираното насилство во земјава, а поттикната од скандалот со случајот „Јавна соба“, односно истоимената група на апликацијата Телеграм во која 13.000 членови споделувале, гледале и се исмевале со материјали, фотографии и видеа со сексуална содржина за конкретни жени и девојки без нивна согласност. И покрај тоа што ова претставува очигледен пример за онлајн родово базирано насилство, во јавноста не беше јасно и соодветно адресирано, што само повторно нè потсети дека институциите, јавноста и медиумите не се запознаени со родово базираното насилство, особено од овој вид, а вината, како и најчесто досега, беше насочена кон самите жртви.

На овој осмомартовски марш беа јасно изнесени барањата за правда за сите жени жртви на насилство, за институции кои наместо да вршат двојна виктимизација, ќе бидат секогаш на страната на жртвата, како и за јасно залагање за родова еднаквост од страна на државата која како потписничка на Истанбулската конвенција има обврска за спречување и борба против родово базираното насилство. Воедно, барањата ја истакнаа и потребата од адекватна, навремена и ефикасна превенција, заштита и поддршка на жртвите на родово базираното насилство од страна на сите институции кои се дел од системот за заштита и строго санкционирање на секое непостапување. Родово базираното насилство има далекусежни и сериозни последици за здравјето, особено за менталното здравје и благосостојбата на жртвите, и затоа е од исклучително значење да им се овозможи на жените и девојките да започнат да се чувствуваат безбедно и на улиците и во домовите, но и онлајн.

 

СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

Сторителот хоспитализиран, жртвата вратена во својот дом

Минатата година во месец декември, до Хелсиншкиот комитет за човекови права беше пријавен случај на долгогодишно семејно насилство, вршено од страна на сопруг врз неговата сопруга.

Физичкото и психичкото насилство било вршено пред очите на нивните девет деца, а на жртвата многу често ѝ биле нанесувани телесни и тешки телесни повреди. За поголема тежина на случајот придонела и невработеноста на двајцата брачни партнери, кои нивното време постојано го поминувале во рамките на домот. Оваа околност дополнително го зголемила ризикот на жртвата која била постојано во присуство на насилникот.

Последниот напад врз жртвата се случил на почетокот од 2019 година, од кога таа била и згрижена во Шелтер-центар заедно со дел од нејзините деца. Против насилникот биле изречени привремени мерки за заштита од семејно насилство од страна на Основниот граѓански суд Скопје, а бидејќи сторителот не ги почитувал, била поведена и кривична постапка против него. За целиот период додека жртвата била згрижена во Шелтер-центар насилникот не престанал со девијантното однесување, па така овој пат негови жртви биле децата кои останале да живеат со него. Ситуацијата да биде уште потрагична, едно од децата било лице со комбинирана попреченост кое не може самостојно да се храни, оди, облекува, зборува итн.

Откако насилството врз децата било пријавено кај социјалните служби, тие биле згрижени во истиот Шелтер-центар со мајката, освен детето со попреченост кое останало во домот. Имајќи ја предвид личноста на насилникот, неговата историја на насилство и неговата зависност од алкохол, Комитетот побара од Центарот за социјална работа веднаш да изврши увид во домот и да се преземат мерки за згрижување на ова дете.

Во меѓувреме, во месец март бевме известени дека до Судот бил повторно поднесен предлог за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство, овој пат за заштита на децата. Судот конечно ја сфатил сериозноста на овој случај, па така меѓу изречените мерки била и мерката задолжително психијатриско лекување. По донесувањето на одлуката, полицијата, социјалните служби и итната медицинска помош заеднички го спровеле насилникот на психијатриско лекување во ЈЗУ Психијатриска болница – Скопје. Жртвата со своите деца се вратила во својот семеен дом и ја презела целокупната грижа за детето со попреченост.

Иако во овој случај на жртвата и децата никој не им ја гарантира безбедноста, сепак ова е еден од ретките позитивни примери кога насилникот се отстранува од домот, а жртвата и децата остануваат во него. Потенцираме дека институциите треба сериозно да бидат претпазливи и со должно внимание да го следат овој случај, особено по завршување на хоспитализацијата на насилникот. ЈЗУ Псхијатриска болница – Скопје не смее во никој случај да дозволи ова лице да ја напушти здравствената установа самоволно, бидејќи така, ризикот за уште еден фемицид се зголемува.

Семејно насилство во услови на домашна изолација

За времетраењето на вонредната состојба во земјата, кога важат препораките на Владата за граѓаните да останат во своите домови, Хелсиншкиот комитет за човекови права регистрираше една пријава на семејно насилство во Берово. Жртвата го информираше Хелсиншкиот комитет дека за време на доцните вечерни часови, додека била дома со нејзиното дете кое боледува од епилепсија, нејзиниот поранешен партнер во алкохолизирана состојба дошол во нивниот дом. Тој и претходно психички ја вознемирувал неговата партнерка, а вечерта на висок тон ѝ се обраќал и ја навредувал жртвата со што предизвикал чувство на несигурност и страв кај неа и детето. Случајот бил пријавен во полиција од страна на жртвата, но според нејзините кажувања полициските службеници воопшто не дошле во домот.

Заклучок: Моменталните препораки на Владата за самоизолација можат да придонесат за зголемување на степенот на ризик од семејно насилство. Оттука, по добивање на пријавата, со оглед на непрофесионалното постапување на полициските службеници во случајот, Хелсиншкиот комитет веднаш контактираше со Полициската станица – Берово. На полициските службеници им беше укажано на потребата од итно и неодложно постапување во случај на пријава од ова лице, а имајќи ја предвид веројатноста од повторување на насилството, како и  степенот на ризик во кој се наоѓаат жртвата и нејзиното дете.

Препорака: Главниот метод на превенција на здравјето е домашната изолација, па така од исклучителна важност во овој период е институциите соодветно и навремено да реагираат и да постапуваат на пријави за семејно и родово базирано насилство, со цел да не дојде до фатални последици.

 

ЗАТВОРЕНИ ИНСТИТУЦИИ

Насоките на СЗО за заштита од пандемија мора да бидат испочитувани и целосно имплементирани во сите затворени институции

До Хелсиншкиот комитет за човекови права пристигнаа повеќе претставки во врска со третманот и безбедноста на осудени лица кои издржуваат казна затвор во КПУ Затвор Куманово. Според наводите во претставките, околу 30 странски државјани издржуваат казна затвор во КПУ Затвор Куманово, чиишто човекови права континуирано се нарушени од страна на установата. Во претставката е наведено дека на овие лица не им се обезбедени основни услови за живот, во смисла на членовите 156, 157, 159 и 160 (соодветно сместување, чиста облека и постелнина и право на лична хигиена) од Законот за извршување на санкциите.

Дополнително, осудените лица наведуваат дека во КПУ Затвор Куманово не им е обезбедена вода за пиење, ниту пак вода за одржување на личната хигиена.

Проблемот со водоснабдувањето во КПУ Затвор Куманово, воедно, беше забележан и при посетата на установата на 5.4.2019 од страна на претставници на Хелсиншкиот комитет за човекови права. При посетата, директорот на установата информираше дека во соработка со општествено одговорна компанија во регионот, проблемот со водоснабдувањето во затворот е привремено решен, на начин што е направена подводна мрежа. Во разговор со некои од затворениците, пак, беше наведено дека вода во затворот воопшто нема, а во сите соби во затворот беа забележани голем број пластични шишиња со вода. Воедно беа забележани и празни шишиња сместени во отворите од тоалетите во сместувачките простории, со цел да се спречи миризбата. На 19.9.2019 година беше спроведена дополнителна посета на КПУ Затвор Куманово, каде што повторно во разговор со осудените лица беше наведено дека сè уште нема воопшто вода, односно дека осудените лица полнат шишиња вода од притворското одделение на установата кое се наоѓа на приземје, по претходно добиена дозвола од затворската полиција.

Заклучок: Имајќи ја предвид пандемијата на зараза од корона-вирусот, според мислењето на КПТ, за сите органи под чија надлежност спаѓаат лицата лишени од слобода, на територијата која ја опфаќа Советот на Европа „преземањето на сите возможни мерки за заштита на здравјето и безбедноста на сите лица лишени од слобода мора да биде основен принцип. Преземањето на овие мерки исто придонесува кон зачувување на здравјето и безбедноста на вработените во овие установи. Насоките на Светската здравствена организација (СЗО) за заштита од пандемија, како и националните здравствени и клинички насоки кои се во согласност со меѓународните стандарди мора да бидат испочитувани и целосно имплементирани во сите затворени институции.“

Препорака: Хелсиншкиот комитет до Управата за извршување на санкциите достави барање за спроведување на вонреден надзор во затворот. Со надзорот се бара да се утврди дали на осудените лица, кои се странски државјани, им се обезбедени соодветни услови за живот и одржување на хигиена, имајќи ги предвид наводите на оваа претставка; и кои мерки се преземени од страна на установата, во услови на проблеми со водоснабдување, за заштита на здравјето и безбедноста на сите осудени и притворени лица и вработени во КПУ Затвор Куманово.

 

ПРЕПОРАКИ ДО НАДЛЕЖНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ЗА ЗАШТИТА НА ЛИЦАТА ЛИШЕНИ ОД СЛОБОДА ВО УСЛОВИ НА ПАНДЕМИЈА НА ВИРУСОТ КОВИД-19

  • Изготвување на заеднички план за справување со КОВИД-19 кој ќе се однесува на сите пенитенцијарни установи од страна на Министерството за правда и Министерството за здравство и кој ќе содржи засилени мерки и препораки за заштита на лицата лишени од слобода, како и на вработените во установите.
  • Да се предвидат посебни простории во рамките на секоја казнено-поправна и воспитно-поправна установа за самоизолација на лицата кои ќе покажат симптоми на КОВИД-19.
  • Просторијата за самоизолација во сите установи во кои се лишуваат лица од слобода, како и во државните карантини, мора да ги исполнува [11]стандардите на Европскиот комитет за спречување на мачење и нечовечко или понижувачко постапување и казнување во однос на разумна големина на просторијата, природна светлина, вентилација, чист душек, ќебиња итн.
  • Надлежните во сите пенитенцијарни установи е потребно да се осигураат дека изречената мерка – самоизолација поради покажани симптоми на КОВИД-19, лицата лишени од слобода нема да ја чувствуваат како дисциплинска казна – упатување во самица.
  • Изрекувањето на мерка ̶ упатување во самоизолација, не смее да наликува и да се изедначи со дисциплинската казна – самица, и потребно е да се овозможи лицата лишени од слобода навремено да ги пријавуваат симптомите со што ќе се постигне продуктивноста на мерката, односно спречување на ширење на вирусот врз сите лица лишени од слобода.
  • Фундаменталните права на лицата лишени од слобода како право на лекар, право на чист воздух, право на адвокат не смеат да трпат ограничувања и надлежните институции мора да направат напори да им ги обезбедат овие права. Ограничувањата за средби со фамилиите на лицата и надворешниот свет треба да биде компензирано со дозвола на лицата за користење на телефони или интернет-комуникација.
  • Надлежните институции да постапат согласно на член 224 од Законот за извршување на санкции и до судијата за извршување на санкции да достават предлог за прекинување на издржувањето на казната на осудени лица кои се особено ранливи на КОВИД-19, согласно со Листата на хронични болести со дијагноза кои се ослободени од работни обврски на Министерството за здравство[12], со што според соодветна медицинска документација привремено ќе ги отпуштат осудените лица од установата во период подолг од 30 дена.
  • Доколку во брзо време не може да се обезбеди судија за извршување на санкции, апелираме Управата за извршување на санкции да постапи согласно со член 225 од Законот за извршување за санкции и да донесе решение за прекинување на издржувањето на казната во траење до 30 дена врз основа на став 3, односно работи предизвикани од елементарни непогоди.
  • Управата за извршување на санкции во соработка со директорите на другите установи, да достави предлог до надлежниот суд за условен отпуст на лица кои покажале резултати во пробацискиот период и ги исполнуваат законските услови сè со цел намалување на пренатрупаноста во казнено-поправните домови, а со тоа и спроведување на поефикасни мерки за заштита од КОВИД-
  • Судиите мерката притвор да ја користат само во исклучителни ситуации и како крајна мерка, особено поради тоа што во ваква ситуација кога се затворени државните граници, намален е ризикот од бегство на обвинетите.
  • Судиите по предлог на јавниот обвинител наместо казна затвор, за кривичните дела, каде тоа е можно, да изрекуваат алтернативни мерки ̶ општокорисна работа, условно прекинување на водење на кривичната постапка и куќен затвор во периодот додека трае пандемијата.
  • И во услови на пандемија, судскиот систем мора да ја гарантира заштитата на човековите права и да остане функционален и ефикасен посебно кога одлучува за слободата на човекот која е неприкосновена.

 

ПРАВОСУДСТВО

Усвоена уредба за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба

На 30.3.2020 година Владата ја усвои Уредбата со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба за постапувањето на судовите и јавните обвинителства.

Според Уредбата, законските и преклузивните рокови за поднесување на тужба во парнична постапка, приватна тужба во кривична постапка, предлог за кривично гонење, предлог за поведување на вонпарнична постапка, поднесување на барање за присилно извршување, постапка за обезбедување на побарувањата, тужба за поведување управен спор, иницирање на постапка пред Уставен суд или иницирање и поведување на друга судска постапка, престануваат да течат во моментот на стапување во сила на оваа Уредба сè до престанување на вонредната состојба.

Законските и преклузивните рокови за изјавување на правни лекови, правни средства или за преземање процесни дејствија во постапките престануваат да течат за време на вонредната состојба.

Во кривичните и прекршочните постапки, роковите за изјавување на жалба или приговор на одлуките со кои постапката завршува, како и за изјавување на вонредните правни лекови, престануваат да течат за време на вонредната состојба.

Со оваа Уредба издавањето на упатните акти за изречена казна затвор до три години се одложува до 1 септември 2020 година, освен за предмети каде што постои опасност за застарување на извршувањето на казната.

На судиите поротници на кои мандатот им истекува за време на траење на вонредната состојба, по сила на оваа Уредба, мандатот им се продолжува сè до завршување на постапката по судскиот предмет. Судовите во Република Северна Македонија се должни при постапувањето, закажувањето и одржувањето на расправите да се придржуваат на Одлуката на Судскиот совет на Република Северна Македонија, за постапување на судовите во Република Северна Македонија во услови на зголемена опасност од вирусот КОВИД-19, од 17.3.2020 година. Со оваа Уредба се задолжуваат јавните обвинители извршувањето на функцијата на јавното обвинителство да ја организираат и извршуваат согласно со Задолжителните упатства на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, донесени во врска со вирусот КОВИД-19.

 

ГОВОР НА ОМРАЗА

Говот на омраза за време на пандемија 

Во овој месец регистрирани се 110 случаи, што е за 100 % повеќе за истиот временски период лани во 2019 година. Најголем број од случаите кои беа регистрирани во март се однесуваа на ситуацијата со пандемијата со вирусот КОВИД-19, воведувањето на вонредна ситуација од страна на Претседателот на Република Северна Македонија и со тоа полициски час, како и реакција на јавноста поврзана со мерките кои се преземаат од страна на Владата. Најмногу дигитален сообраќај и со тоа реакции на социјалните медиуми е забележан по завршувањето на официјалните прес-конференции на министерот за здравство во име на Кризниот штаб.

Говор на омраза на социјалните медиуми за март 2020 година

Најголем број од пријавите (или 72 %) се однесуваат на две категории, и тоа етничка припадност и политичка припадност. Пријавите по основ за политичка припадност не биле толку високи од лани за време на одржувањето на претседателските избори. Исто така, 21 пријава, или 18 % се однесуваат на говор на омраза поради сексуална ориентација и родов идентитет. Високиот број на некарактеристични пријави се должи на прогласувањето на вонредна состојба во државата за спречување на ширењето на вирусот КОВИД-19. Исто така, беше забележана активна негативна дискусија и разменување на негативен тон помеѓу поддржувачи на партиите на власт и опозицијата, особено за начинот како државата се справува со кризата (и од здравствен и од економски агол).

За да може ефикасно да се следи говорот на омраза поврзан со јавното здравство, од месец април Хелсиншкиот комитет ќе воведе категорија за говор на омраза врз основа на здравствената состојба за да се подобри информирањето во овој дел.

Заклучок: Хелсиншкиот комитет, врз основа на својата анализа, уште во февруари предупреди и продолжува да предупредува за драстичното зголемување на говорот на омраза, особено во новонастанатиот контекст со прогласувањето пандемија и воведувањето вонредна ситуација во државата. Исто така, Хелсиншкиот комитет предупредува да не се злоупотребуваат механизмите кои ѝ стојат на располагање на извршната власт и редовно да ги известуваат Претседателот на државата, медиумите и граѓанските организации за преземените мерки и нивниот ефект.  Ова е особено важно во отсуство на функционално Собрание и можност за ефикасен надзор врз работата на извршната власт во време на вонредна ситуација.

 Препорака: Соодветно на ова, Хелсиншкиот комитет за човекови права ги повикува граѓаните да пријавуваат говор на омраза на социјалните медиуми на платформата www.govornaomraza.mk или директно во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи.

[1] Во декември 2019 година, во градот Вухан, во провинцијата Хубеи во Народна Република Кина, се појави нов корона-вирус кој почна да се шири за кратко време и во другите делови на светот. Првиот позитивен случај во Република Северна Македонија е регистриран на 26 февруари 2020 година. По појавата на  неколку случаи на пациенти дијагностицирани со корона-вирус, на 10 март 2020 година, Владата на Република Северна Македонија донесе неколку мерки и препораки за заштита и превенција од корона-вирусот. На 11.3.2020 година Светската здравствена организација прогласи пандемија поради болеста КОВИД-19.

[2] Секоја компанија, во зависност од бројот на вработени, ќе може да добие од 3 до 30 илјади евра. Микрокомпаниите, до 10 вработени, ќе можат да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите компании со 10 до 50 вработени, ќе можат да подигнат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании со 50 до 250 вработени, ќе можат да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра. Кредитите се бескаматни, со каматна стапка од 0 проценти со грејс-период од 6 месеци и рок на отплата од 2 години.

[3] Владата предвиде поддршка за компаниите во делот на исплатата на плати со субвенционирање на придонеси за вработените во компании од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании, за месеците април, мај и јуни од 2020 година, со субвенција на придонеси по вработен во висина до 50 % од просечна плата исплатена во 2019 година, под услов компанијата да не го намали бројот на вработените под бројот на вработени во месец февруари од 2020 година и ова да важи од денот на користење на мерката; понатаму, компанијата да не исплати дивиденда во текот на 2020 година, до денот на поднесувањето на годишна сметка, односно финансиски извештаи за 2020 година и компанијата да нема исплатено награда ̶ бонус по влегување во сила на мерката. Само компаниите што имаат остварено добивка како финансиски резултат од работењето во 2020 ќе вратат субвенции за придонес во износ од 50 % од добивката пред оданочување што значи дека мерката директно е насочена да им помогне на компаниите што оствариле послаби финансиски резултати во 2020 поради корона-вирусот.

[4] Законот за работните односи (ЗРО) („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/05, 106/08, 161/08, 114/09, 130/09, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/19).

[5] Член 95 став 2 од ЗРО.

[6] Член 95 став 6 од ЗРО.

[7] Член 88 став 2 од ЗРО.

[8] Закон за спречување и заштита од дискриминација член 10 став 2 (Службен весник на Република Северна Македонија број 101/2019)

[9] Истражување на Реактор за родово базирана дискриминација и работнички права во Северна Македонија од 2019 година, достапно на: http://www.reactor.org.mk/CMS/Files/Publications/Documents/kwn-final-mk3.pdf?fbclid=IwAR1Paaujc-gf39-W584pIbn2lHsDF-hCJNwgMkYgM9UFhD6E25XZ_jOnZUI

[10] https://rm.coe.int/16809cfa4b

[11] https://www.refworld.org/cgi-bin/texis/vtx/rwmain/opendocpdf.pdf?reldoc=y&docid=4d7882412

[12] http://zdravstvo.gov.mk/wp-content/uploads/2020/03/LISTA-NA-HRONICHNI-BOLESTI-SO-DIJAGNOZI-KOI-SE-OSLOBODENI-OD-RABOTNI-OBVRSKI.pdf

 

Документи