Волонтерските екипи на штипскиот Црвен крст им помагаат на најзагрозените

Стефан Ѓорѓиев е 24-годишен дипломиран електроинженер. Тој е еден од 12-те волонтери на штипскиот Црвен Крст. Плаќа сметки, кредити во банка, пазари. Разнесува и пакети за социјално ранливите, по кои пандемијата со коронавирусот удри најсилно. 

Стефан вели дека се вклучил затоа што секој има лична одговорност да помогне на оние кои не можат сами. Го мотивирал и неговиот брат да волонтира, иако признава дека понекогаш е тешко да се усогласат обврските. 

Повозрасни лица, но и луѓе кои имаат проблеми со движењето се дел од оние на кои Стефан и неговите пријатели од Црвениот крст им помагаат. Благодарни на помошта им се и од Здружението на слепи лица од Штип. Оттаму велат дека и покрај секојодневните предизвици со кои овие лица се соочуваат, пандемијата дополнително им го усложни животот и ги затвори дома, но со помош на волонтерите од Црвениот крст барем се чувствуваат сигурно. 

Од штипскиот Црвен крст велат дека нивните волонтери се претежно млади луѓе, но има и повозрасни, иако внимаваат поради коронавирусот да не бидат во ризичните групи.

Помагаат во распределбата на онколошката терапија, а имаат и тим кој доставува намирници за болните од Ковид 19. Тимовите се поделени за да се заштити здравјето на граѓаните, а освен постојната воведуваат и  нова телефонска линија за психосоцијална поддршка. 

Досега околу 307 луѓе побарале помош од  мобилните тимови во Штип, а луѓето со оптимизам како младиот Стефан Ѓоргиев и сите 12 волонтери од Црвен крст им помагаат полесно да го поминат периодот на пандемијата што на сите им го смени животот од корен.